Црвена Звезда го одбрани домашниот терен и се избори за петти натпревар во финалето од АБА лигата кој ќе одлучува за освојувачот на титулата во АБА лигата.
Бранителот на трофејот славеше со 68-56 и израмни на 2-2 во еден од најлошите дуели на овие две екипи последните две сезони, а убедливо најлош во оваа серија. Не само што беа постигнати најмалку поени, туку играчите на двете екипи направија огромен број несвојствени грешки за нивниот квалитет.
Партизан подобро го отвори натпреварот, поведе со 12-6, но потоа безмалку осум минути не постигна кош од игра. Звезда го искористи тоа за со серија од 12-1 да поведе со 20-13, резултат со кој заврши првата четвртина. Следуваше криза во нападот на домашниот тим кој сега шест минути беше без поен, Партизан со 7-0 го израмни резултатот, но Звезда повторно заигра подобро и на голем одмор замина со 32-24.
Се чинеше дека се е готово во финишот од третиот квартал, по водството од 17 разлика за Звезда (49-32), но противникот, по серијата од 8-0 се доближи на само -5 (49-54) и имаше напад за три поени негатива кој Пантер не го искористи. Клучен момент на мечот се покажа тројката на Факундо Кампацо за 59-51 на помалку од две минути пред крајот за кој играчите и стручниот штаб на Партизан жестоко реагираа затоа што сметаа дека има фаул во напад од Аргентинецот врз Ексум. Сепак, судиите не сметаа така и Звезда мирно го приведе мечот кон крај, славејќи дури и со двоцифрена разлика.
Кампацо го одигра најдобриот натпревар во оваа серија, постигна 21 поен, вклучлувајќи многу важни кошеви во клучни моменти. Ексум го предводеше Партизан со дабл дабл од 12 поени и 10 скока. Петтиот меч кој ќе одлучи за титулата е закажан за четврток, 22 јуни во 20 часот, во белградска Арена, а во улога на домаќин ќе биде Партизан.