Поранешниот европски шампион Макаби би можел да не ја доигра сезоната во Евролигата во која досега се поминати само две кола, а израелскиот тим одигра еден натпревар.
Се разбира, причина за тоа е ситуацијата на Блискиот исток и ескалацијата на немирите што, меѓу другото, предизвика Макаби да го напушти Израел и да се пресели на Кипар. Јасно е дека во блиска иднина екипата нема да може да се врати во Тел Авив, а тоа со себе повлекува други последици. Веќе е одложен еден натпревар, против Олимпија Милано во претходното коло, домаќинството со Валенсија е сменето и шпанскиот тим треба да го пречека Макаби, место обратно, но така не може во недоглед. Литванскиот новинар Донатас Урбонас најавува дека Макаби би можел да биде отстранет од Евролигата со цел да се избегнат натамошни проблеми.
„Знам дека се случија ужасни работи, дека Макаби се пресели на Кипар и мислев дека ќе најде некое место кое ќе биде негов привремен дом. Сепак, од некои важни луѓе слушнав дека постојат грижи за иднината на клубот, дури, има мислења дека Макаби може да биде суспендиран од Евролигата, како што е тоа случај со ЦСКА. Меѓу другото, Израелците имаат многу непријатели низ Европа и никаде не можат да бидат безбедни, но проблем е и тоа каде ќе игра Макаби како домаќин. Ривалите не сакаат да слушнат да патуваат во Израел, но за такво нешто во моментов нема ни изгледи“, вели Урбонас.
Неделава се игра двојно коло во Евролигата, Макаби е гостин прво на Валенсија в среда, а в петок и на Панатинаикос.