Машката младинска репрезентација на Македонија се пласираше во финалето од Б-Европското првенство, а со тоа и во А-дивизијата во оваа категорија.
Во денешното полуфинале, нашите млади кошаркари ја победија Украина со 66-53 за пласман во мечот за титулата. Со тоа, оваа генерација ја врати младинската репрезентација во елитната конкуренција по пауза од 16 години, односно по 2007.

И денешниот меч многу наликуваше на претходните. Македонија одигра исклучително мирно, сталожено и тактички со што повторно до израз дојде работата на селекторот Никола Василев и неговите помошници Нино Чачиќ и Миодраг Тодоровиќ. Противникот беше одлично запрен, водеше само со 2-0 и 8-6, а се останато помина во знакот на македонската репрезентација.
Нашиот тим имаше серија од 16-0 по која се одвои на 22-8, во првите 14 минути Украина постигна само осум поени и со таков старт, победата не можеше да изостане. Противниците одговорија со 11-0 и се доближија на 21-24, но македонските кошаркари не дозволија психолошки да паднат и благодарение на тројката на Мемед од центар во последната секунда, на одмор отидоа со 33-25.

Второто полувреме почна слично на првото, Македонија повторно направи двоцифрена предност (43-30), Украина одговори со 8-1, но нашата репрезентација пак отиде на +12 (57-45) и тука веќе беше можеше да се претпостави кој ќе излезе како победник. Со рутинска игра во финишот, Македонија само го доврши она што го градеше повеќе од 35 минути.
Колку е оваа репрезентација квалитетна и израмнета најдобро зборува тоа што на секој натпревар, различен играч ја презема одговорноста. Вечерва убедливо над сите беше Резарт Мемед кој постигна 24 поени со 6 тројки од 10 шута, но тоа никако не значи дека останатите немаа придонес во победата. Хот оствари дабл дабл со 12 поени и 11 скока, Наков и Василевски не дозволија да се почувствува отсуството на капитенот Андреј Митревски, Стојановски, Бошалески и Шошкиќ одиграа фантастично во одбраната, а Симиќ и Петков беа стандардно добри.
Основната амбиција на оваа репрезентација е остварена, догодина М20 селекцијата ќе игра во А-дивизијата, а утре ќе се бори за прво злато во оваа конкуренција.