Младинската репрезентација на Македонија ќе се бори за медал на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Во денешниот четвртфинален меч, нашите млади кошаркари ја победија Велика Британија со 66-49 и сега се на само чекор од пласман во А-дивизијата, првпат по пауза од 16 години. Победа утре против Украина или Холандија ќе значи место во елитата што ќе биде огромен успех за оваа генерација.
Натпреварот со Велика Британија помина во целосна доминација на македонската репрезентација. Противникот ниеднаш не се најде во водство, а беше рамноправен само во првите осум минути во кои Македонија водеше со 9-7. Следуваше серија од 8-2 за 17-11 на крајот од првиот квартал, во 13. минута дојде првото двоцифрено водство (21-11), а на полувреме беше 32-21 за нашиот тим.

Најтешките моменти, македонската репрезентација ги имаше во втората половина од третата четвртина кога со четири тројки по ред, Британците се доближија на 35-40 и се заканија дека можат да направат пресврт. Македонија одговори со пет поени по ред, го одби тој удар и до крајот повеќе немаше проблеми. Во последните 4:30 минути Британците не постигнаа ниеден кош, па со серија од 11-0, Македонија стави точка на мечот.
Андреј Митревски со 17 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, Симиќ оствари дабл дабл со 13 поени и 11 скока, а двоцифрен беше и Бошалески со 10 поени, но и со голем придонес во тешките моменти. Сепак, мора да се истакне и играта на останатите кошаркари кои добија минутажа: на Наков кој во периодот кога Британија се закануваше со пресврт влезе и оствари четири асистенции и еден драјв со кој го скрши нивниот отпор, наа Хот кој имаше 9 скока, на Стојановски за борбеноста во секоја секунда помина на теренот…
Честитки заслужува и селекторот Никола Василев и неговиот стручен штаб затоа што одлично ја скаутираа играта на противникот и ги искористија сите негови слабости. Василев вчера кажа дека клуч за успехот ќе биде одбраната, па Британија беше запрена на само 49 поени. Утре се игра клучниот меч на првенството, со ваква игра, Македонија може и против Холандија и против Украина.