Иако не успеа да обезбеди пласман на Европското првенство во Израел, македонската 3х3 репрезентација оствари најголем напредок во квалификациите за овој шампионат.
Во групата што се одржа во Братислава, нашиот тим влезе како десетти носител, а на крајот го освои петтото место што е скок од пет позиции во однос на ранкингот од пред почетокот. Толкав прогрес нема ниедна од 12. селекции кои настапуваа во словачката престолнина. Со оглед на тоа што првите четири репрезентации обезбедуваа пласман на Европското првенство, практично Македонија беше на една победа од место меѓу најдобрите.
Првите четири места, иако со изменет редослед, ги освоија прворангираните четири репрезентации со тоа што Австрија (која беше во групата со Македонија) направи мало изненадување и го освои првото место. Франција беше прворангирана, а го освои второто место, додека зад неа завршија Чешка и Полска.
Боите на македонската репрезентација во 3х3, во квалификациите за Европското првенство ги бранеа Ервин Цого, Милорад Миновски, Христијан Ристов и Марко Дујковиќ.