Репрезентацијата на Македонија во 3х3 доживеа пораз од Чешка и го заврши својот настап во квалификациите за Европското првенство што во септември ќе се одржи во Израел.
Чесите славеа со 21-18, пред се благодарение на одличната игра кон средината на натпреварот. По 7-7, направија 9-2 и поведоа со 16-9 што за нашите кошаркари беше недостижно. Македонија подоцна, во два наврата се доближи на еден поен негатива (18-19), благодарение на двете двојки на Ервин Цого, но не го комплетира пресвртот. На нешто помалку од четири минути пред крајот, Свобода со двојка стави точка на мечот.
Цого беше најефикасен на мечот со 11 поени, во македонската репрезентација пет додаде Дујковиќ, а по еден имаа Миновски и Ристов. Нашата 3х3 репрезентација го завршува настапот во квалификациската група во Братислава со биланс од една победа и два пораза.