Во својата прва сезона во тимот на МЗТ Скопје, репрезентативецот на Македонија, Андреј Андоноски ги освои сите три трофеи во домашната кошарка.
Почна со Суперкупот, продолжи со Купот, а финишираше со пехарот во плејофот, освоен синоќа во Битола, против Пелистер. Еден од најголемите таленти на македонската кошарка не беше во тимот колку да пополни бројка, туку имаше активно учество, особено по тренерската смена по која кормилото го презеде Васко Атанасов.

Првата шампионска титула во кариерата на Андоноски предизвика емоции кај него што е нормално ако се знае дека се работи за 21-годишен играч. Особено задоволство претставува тоа што е освоена со Војдан Стојановски, како што вели, еден од неговите идоли од детството, од периодот кога почнал да се занимава со кошарка.
Разликата меѓу нив изнесува нешто повеќе од 14 години, а Андреј се присети на една фотографија од пред една деценија на која е мало дете во друштво на Војдан. Јасно е дека за соиграч и пример има фантастичен човек, кошаркар и модел според кого треба да ја гради својата професионална кариера.
*фотографиите се од приватната архива на Андреј Андоноски