Поранешниот селектор на македонската репрезентација и најуспешен тренер во домашното првенство Марин Докузовски се враќа на клупата, по пауза од една година.
Негов последен ангажман беше тренерската позиција во косовскиот тим Пеја со кој триумфираше во регионалната Унике Лига, а во земјава, последен клуб кој го водеше беше Работнички, во сезоната 2018/19. Во новата натпреварувачка кампања, тој ќе биде тренер на второлигашот МКК Куманово кој со големи амбиции влегува во сезоната.
„Најуспешниот и еден од најдобрите кошаркарски тренери во историјата на Македонија, Марин Докузовски е новиот тренер на Младински Кошаркарски Клуб Куманово кој се натпреварува во втората кошаркарска лига. Клубот постои од 2018 година, а во состав на клубот има младински кошаркарски школи од 12, 14, 16 и 18 години кои работат на развој и создавање на нови локални кошаркарски таленти.
Согласно амбициите на управата на клубот за развој на кошарката во Куманово и враќање на победничкиот дух и традиција на кумановската кошарка, Марин Докузовски ќе го предводи тимот во наредните 4 години“, пишува во соопштението од клубот.
Градот Куманово во новата сезона нема да има кошаркарски прволигаш, но со Докузовски на клупата, МКК Куманово ќе биде можеби најсериозен кандидат за пласман во елитната дивизија.