Меѓународен турнир во Скопје во чест на Драган Василов Цевка

0Shares
0 0

Општина Аеродром во соработка со КФСМ и МОК, од 9 до 12 септември во СЦ „Јане Сандански“ ќе одржи меѓународен меморијален турнир за кошаркари на 16-годишна возраст во чест на еден од најпознатите македонски тренери во младински категории Драган Василов Цевка.

По тој повод беше организирана и прес-конфернеција на која јавноста беше запозната со сите детали во и околу организацијата и реализацијата на идејата за креирање на еден ваков кошаркарски настан.

„Голема чест и задоволство е што нашата федерација ќе биде дел од овој турнир, кој го носи името на нашиот легендарен тренер Драган Василов Цевка, и што на свој начин, со потребната техничка логистика, реализација на онлајн преноси ‘во живо’, обезбедување на судии, ќе помогне во реализацијата на турнирот кој ќе биде собир на деца до 16 години на кој покрај нашите екипи МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, ќе учествуваат екипи од странство како Црвена Звезда, Академик Пловдив, Клуж, Слован, Шопрон.

Верувам во успешна реализација на овој турнир кој ќе остане традиционален, затоа што Драган Василов Цевка заслужува многу повеќе од тоа. Но, ова е само почеток“, објасни претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.

На промоцијата на турнирот присуствуваше и синот на Цевка, Горан Василов, поранешен кошаркар и младински репрезентативец на Македонија.

„Овој турнир е доказ дека вредностите се вечни и се почитуваат. Дека се ценат личностите кои придонеле секој на свој начин за развој во струката во која работи. Така и приказната за мојот татко кој произведе низа квалитетни играчи и генерации кои го носеа националниот дрес на чии успеси и ден-денес сме горди“, рече помладиот Василов.

Свеченото отворање ќе се одржи в четврток, на 9 септември од 19 часот при што ќе се одржи и натпревар во забивање. Дозволено е присуство на љубители на кошарката, но само до 30% од капацитетот на салата.

0Shares
0 0