Довчерашните соработници во Олимпија Милано, Еторе Месина ин Шабаз Нејпир влегоа во вербална војна која ја почна италијанскиот стручњак по мечот против Валенсија.
Месина крена тензија со тоа што јавно ги нападна Кевин Пенгос и Нејпир иако американскиот интернационалец повеќе не е член на Олимпија, туку од оваа сезона го носи дресот на Црвена Звезда.
„Во коренот на нашиот разочарувачки почеток на сезоната е изворниот грев. Немаме вистински возач на нашиот автомобил, Пенгос не е човек кој може да го натера нашиот тим да игра. Шабаз продолжува да им испраќа пораки на своите пријатели дека сака да се врати. Улогата на Нејпир би била во промената на менталитетот на овој тим“, изјави Месина.

Неговите зборови наидоа на жесток одговор од Нејпир кој сезонава е под голем притисок и во Црвена Звезда каде е еден од најплатените играчи, а не ги дава очекуваните игри.
„Ок, сфаќам, твојот тим не почна како што би сакал ти, а не почнав ни јас. Само престани да ме користиш како изговор. Јас во моментов се борам со своите потешкотии како играч, но задоволен сум во Црвена Звезда и ќе бидам подобар. Две изјави за кошаркар кој повеќе не е дел од вашиот тим. Престанете да ги лажете своите фанови за да ги поправите своите проблеми“, напиша Нејпир.
Интересно е тоа што тој беше член на Олимпија Милано помалку од половина година откако во јануари потпиша за италијанскиот тим. Во својата кариера играше и во НБА, за Мајами, Орландо, Портланд, Бруклин, Минесота и Вашингтон, но без некој особен ефект или успех.