Репрезентацијата на Германија е на прагот на следната фаза од Светското првенство откако денеска славеше и во второто коло од својата група.
Во своето прво, дерби, Германците ја победија Австралија со 85-82 иако „кенгурите“ важеа за фаворит за првото место во оваа група. Натпреварот се претвори во пресметка на двајцата НБА кошаркари во двете селекции – Пети Милс во Австралија и Денис Шредер во Германија.
Милс ги постигна првите 13 поени за Австралијците на овој натпревар, но Шредер беше подобар во драматичната завршница во која се решаваше победникот. На 46 секунди пред крајот погоди положување, поминувајќи ја цела противничка одбрана за водство на Германија од 83-81. Гиди потоа реализира само едно слободно фрлање, а кошот за одлука го постигна Маодо Ло на две секунди пред крајот, поставувајќи го конечниот резултат.
На крајот, Милс постигна 21 поени, 6 асистенции и 5 скока, но Шредер реализира 30 поени и 8 асистенции за индекс 31. Германија сега има две победи, а Австралија е на биланс 1/1.