Македонскиот првак го комплетира тимот кој претстојната сезона треба да ја брани двојната круна во домашната кошарка и да се обиде да избори враќање во елитната дивизија од АБА.
Последните тројца кошаркари во ростерот на Васко Атанасов се репрезентативците Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски и Дамјан Робев кои денеска официјално се промовирани за новата сезона.

Младеновски не само што се враќа во Аеродром по пауза од четири години и трет пат во кариерата, туку ѝ се враќа на кошарката по пропуштената сезона поради повреда. Лани формално беше член на Пелистер, но не одигра ниеден натпревар, а сега е на списокот на селекторот Александар Јончевски за олимписките претквалификации. Центарот има пет шампионски титули во кариерата, сите освоени во дресот на МЗТ Скопје.

Крстевски и Робев одлучија да ја продолжат верноста кон шампионот откако на крајот од минатата сезона им истекоа договорите. Крстевски е играч на МЗТ од 2019, а Робев од 2021 година. МЗТ Скопје повторно ќе биде клубот со најмногу репрезентативци бидејќи покрај овие тројца, членови на националниот тим се уште Војдан Стојановски, Андреј Андоноски, Марин Петков и Марко Миловановиќ.