Машката младинска репрезентација на Македонија осттвари убедлива победа во последниот подготвителен натпревар пред Европското првенство Б-дивизија кое в петок почнува во Скопје.
По победата и поразот против Црна Гора, кошаркарите на Никола Василев денеска ја совладаа Холандија со 65-49 и покажаа дека се максимално подготвени за шампионатот на кој пред домашната публика ќе бркаат пласман во елитната дивизија. Доминираа во најголем дел од мечот, а највисоката предност изнесуваше 22 поена.
Мечот почна со фуриозна игра на македонската репрезентација. До средина на првиот квартал беше израмнето, а потоа Македонија направија 14-3 и со предност од 19-9 ги заврши воведните десет минути. Холандија го врати ударот во продолжение, одговори со 13-2 за водство од 22-21, но тоа кратко траеше и нашите кошаркари со 31-27 заминаа на голем одмор.

Во третиот квартал слична слика. Македонија поведе со 40-27, а потоа Холандија направи 16-1 за предност од 43-41. Победниот беше решен по таа серија на противникот. Македонската репрезентација направи пеколна серија од 23-0, девет минути беше без примен кош и со тоа го скрши отпорот на жилавиот ривал кој е еден од учесниците на првенството во Скопје.
Теодор Симиќ со 18 поени беше најефикасен во напиот тим, додаде и 8 скока, но се истакнаа и Бошалески со 12 и Наков со 10 поени, а Хот имаше највисок индекс (20), благодарение на седумте поени и 10 скока. Победата против Холандија дополнително добива на значење бидејќи е остварена без Андреј Митревски кој не настапи на овој меч.