Она што на почетокот на јуни го најави претседателот на Морнар, Ѓорѓије Павичевиќ, дека клубот има големи проблеми при изнаоѓање финансиски средства за новата сезона, полека добива потврда.
Во моментов, колективот од Бар е неизвесен за настап во АБА лигата за новата сезона и можно е по седум години во низа, да се откаже од учеството во ова натпреварување. Црногорските медиуми веќе навестуваат такво сценарио иако од клубот се уште нема официјални најави.
„Како челник на Морнар, нема да дозволам да дојдеме во ситуација да влегуваме во авантура. Ако не ги најдеме потребните средства за идната сезона, јас сум подготвен да му го предадам клубот на други луѓе кои имаат волја и финансиски можности да го одржат во АБА лигата. Крајниот рок да ја заокружиме финансиската конструкција е 1 јули бидејќи би можеле потоа, во следните 15-20 дена да склопиме екипа и да се подготвиме за идната сезона“, изјави Павичевиќ во интервју, објавено на 6 јуни.
Како што сега стојат работите, финансиските проблеми уште не се решени, а до рокот кој го одреди Павичевиќ остануваат уште четири дена. Тоа отвора простор за надеж кај МЗТ Скопје дека би можел да остане во АБА лигата, како замена за Морнар, но во моментов уште ништо не може со сигурност да се каже.