Денеска официјално почнува новата сезона во македонската кошарка, со дуелите од Суперкупот на Македонија, во машка и во женска конкуренција.
За трофејот, кој од пред две години го носи името на славниот македонски тренер Драган Василов-Цевка, ќе се борат МЗТ Скопје и Феникс кај мажите и МЗТ Скопје и Баскет Кам кај дамите. Единствената дилема пред денешните натпревари е дали пехарот може да ја смени локацијата, односно дали предизвикувачите се подготвени да ги изненадат ланските освојувачи.

Кај мажите ќе има реприза на финалето од Купот на Македонија последната сезона во кое, исто така, се сретнаа МЗТ Скопје и Феникс. Тогаш триумфираше тимот од Аеродром кој подоцна ја освои и двојната круна, но Феникс денеска ќе има можност да се одмазди. Двете екипи претрпеа големи промени во ростерите во текот на летото и денешниот меч ќе биде добра можност да се види до каде се во моментов.
МЗТ Скопје донесе седум нови кошаркари, но во меѓувреме остана без Љубомир Младеновски кој ја заврши кариерата, па на центарската позиција останаа Бојан Крстевски и новодојдениот Душан Танасковиќ. Се разбира дека најмногу работи во екипата зависат од братскиот тандем Војдан-Дамјан, а од ланскиот тим се уште Дамјан Робев и Андреј Андоноски.
Феникс со големи амбиции го очекува денешниот натпревар и ја гледа својата шанса за првиот трофеј во клупската историја. И тимот од Гази Баба претрпе измени, си заминаа Марин Петков и Амар Хот кои минатата сезона беа меѓу носителите на играта, но останаа капитенот Митревски, како и искусните Трајковски, Димчевски и Јанески. Сите тие, заедно со четворицата странски кошаркари од кои посебно се истакнува Џо Рис, како и талентираните, 17-годишниот Димитар Зетов и 18-годишниот Алекс Петковски, сочинуваат далеку посериозен тим од оној од крајот на минатата сезона на што и се темели оптимизмот во редовите на Феникс.
МЗТ Скопје е освојувач на последните четири изданија на Суперкупот на Македонија и најтрофеен во ова натпреварување со пет титули. За Феникс ова ќе биде прво учество во Суперкупот на Македонија.

Во женска конкуренција, пехарот го брани Баскет Кам кој е и актуелен шампион на Македонија. Сепак, во финалето од Купот минатата сезона, МЗТ Скопје беше подобар во меѓусебниот дуел и дојде до првиот трофеј во клупската историја. Кога станува збор за Суперкупот, досега во женска конкуренција одржан само два пати и по еден триумф имаат Бадел и Баскет Кам.
Натпреварот меѓу Баскет и МЗТ Скопје, во женска конкуренција се игра од 17, а меѓу МЗТ Скопје и Феникс кај мажите од 19:30 часот. Двата дуела се во СРЦ Кале.