МУСТАФИЦА: Долго време го одложував носењето на одлуката, но разделбата беше неминовна

0Shares
0 0

Пред почетокот на тренинзите во новата година, Работнички остана без еден од најдобрите играчи во екипата Недим Мустафица кој одлучи да го раскине договорот со тимот од Градски парк.

Босанскиот интернационалец играше фантастично во македонското првенство, остави одличен впечаток и неговото заминување ќе остави голема празнина во редовите на Работнички. По раскинот на соработката, тој ги објасни причините поради кои си оди од Скопје и Македонија.

„Главните причини поради кои си заминав од Работнички се од финансиска природа и долго го одложував носењето на оваа одлука, во надеж дека луѓето од клубот ќе имаат слух и ќе ги решат проблемите по новогодишните празници. Сепак, тоа не се случи и разделбата беше неминовна.

За мене ова е тешка одлука бидејќи почнавме да растеме како екипа и да остваруваме резултати кои никој не ги очекуваше. Со себе носам многу убави спомени од времето поминато во Скопје, играњето за најтрофејниот македонски клуб и сакам да му се заблагодарам на тренерот Тони Симиќ и неговите помошници, а на Работнички му посакувам се најдобро во продолжение од сезоната и остварување на зацртаните цели“, изјави Мустафица за КОШ.МК.

Во првиот дел од македонското првенство, тој просечно постигнуваше по 15,3 поени, 8,8 скока и 1,7 асистенции.

0Shares
0 0