Македонскиот првак МЗТ Скопје триумфално го заврши настапот на вториот турнир од АБА 2 лигата на Златибор.
Во својот последен меч, тимот од Аеродром го победи Борац Бања Лука со 67-61 и првпат оваа сезона има позитивен биланс во регионалното натпреварување (3/2). И покрај тоа што беше подобар ривал во текот на целиот натпревар, МЗТ Скопје мораше на крајот да се спасува затоа што противникот се закани со пресврт и изненадување.
Првата долга серија, нашиот тим ја направи во воведната четвртина во која со 11 поени во низа поведе со 17-6. Борац одговори во вториот квартал кога со серија од 11-2 израмни на 26-26, па во второто продолжение се влезе со само +3 за МЗТ Скопје (29-26).

Во играта на серии, клучна се покажа онаа на македонскиот првак во третата четвртина која изнесуваше 16-0 за водство од 47-28 со што тимот на Васко Атанасов ги достигна највисоките +19. Се чинеше дека со тоа се е решено, дојде и до мало опуштање кај нашиот состав, па Борац изненади во последниот период во кој постигна десет поени по ред и се доближи на 61-65 на 35 секунди пред крајот. Сепак, МЗТ Скопје го имаше Војдан Стојановски кој во следниот напад прво искусно ја задржа топката, а потоа изнуди лична грешка и со две погодени слободни фрлања стави точка на мечот.
Тој беше и најефикасен играч на натпреварот со 15 поени, Танасковиќ додаде 14, а Ворку оствари дабл дабл со 10 поени и 10 скока.