МЗТ се крена од бездната, но не го направи последниот чекор

0Shares
0 0

Македонскиот шампион МЗТ Скопје го претрпе шестиот пораз во АБА лигата откако вечерва на гостувањето кај ФМП со 97-101.

Натпреварот го одбележаа многу осцилации на двете страни, ФМП во првото полувреме водеше и со 13 поени разлика (55-42), но со серија од 15-0, МЗТ до почетокот на третата четвртина се најде во водство од 57-55. Следуваше нова доминација на домашниот тим кој повторно отиде на двоцифрена предност, а во последниот квартал ги достигна највисоките +19 (85-66).

И кога се чинеше дека МЗТ Скопје е готов, направи 14-1 за само пет поени негатива (87-92) на нешто повеќе од две минути пред крајот на натпреварот. Тука почна драмата, ФМП не искористи неколку напади, па на 11 секунди пред крајот, при резултат 95-97, Мајк Кафи доби шанса за израмнување.

Валинскас го фаулираше, но американскиот плејмејкер погоди само едно од двете слободни фрлања. За разлика од него, Џенкинс беше два пати прецизен за +3 по што врз Кафи повторно беше направена лична грешка за МЗТ да не шутира тројка. Разигрувањето на МЗТ сега го погоди првото и намерно го промаши второто слободно фрлање, но направи престап и ФМП дојде до победата.

Ова беше најефикасно издание на МЗТ Скопје оваа сезона, а дури шестмина кошаркари постигнаа двоцифрен број поени. Најефикасни беа Миќовиќ и Кафи со по 18, Јигитоглу додаде 16, а Војдан Стојановски 15. Во следното коло македонскиот првак ја пречекува Мега во обид да ја прекине серијата порази која сега изнесува три натпревари.

0Shares
0 0