По двонеделните подготовки, актуелниот македонски првак МЗТ Скопје денеска почнува со серијата пријателски натпревари во пресрет на новата сезона.
Прв противник на аеродромци е поранешниот шампион на Грција, Арис кај кого нашиот клуб традиционално гостува последните години. Натпреварот се игра од 17 часот во Солун, но без присуство на публика бидејќи Арис го закажа официјалното претставување на својот тим за 10 септември кога ќе ја пречека ЦСКА Софија.
За тренерот на МЗТ, Васко Атанасов ова ќе биде добра можност да види до каде е формата на неговиот тим кој со највисоки амбиции ја чека новата сезона. Арис нема да биде комплетен затоа што еден играч (Лефтерис Бохоридис) настапуваше на Светското првенство, а еден (Роберто Галинат) пристигна вчера, но тоа не е од големо значење за македонскиот првак.
По денешниот меч, МЗТ го очекуваат уште четири пријателски дуели до почетокот на новата сезона: на 8 септември против Пеја, на 14 септември против Гостивар и на 18 и 19 септември против Рилски Спортист.