Актуелниот шампион на Македонија вечерва се врати на челната позиција на табелата во Првата лига, по триумфот против Чаир со 106-61.
Аеродромци го искористија поразот на Гостивар пред два дена за да застанат на првото место каде не биле од првото коло на новата сезона. Таму ќе останат по овој круг бидејќи имаат многу подобра кош-разлика од Гостивар и Пелистер кој може да се израмни според билансот ако го совлада Еуро Никел в четврток. Победата на МЗТ Скопје на вечерашниот натпревар ниеднаш не беше доведена во прашање, а за бранителот на титулата таа е највисока оваа сезона.
Чаир, кој настапи без својот најдобар играч Јусуф Мохамед некако парираше во првата четвртина, но по серијата од 15-2, МЗТ се одлепи на 42-23 и оттогаш остана само дилемата за конечниот резултат. Високата разлика му овозможи на Александар Петровиќ повторно да ротира и поголема минутажа да добијат играчите кои не играат толку во АБА лигата.