Актуелниот шампион МЗТ Скопје е победник и на годинашното издание од Суперкупот на Македонија откако во реприза на финалето на Купот, го совлада Феникс со 76-54.
Тоа е петти трофеј во низа за аеродромци кои последен пат беа поразени во меч за пехар во февруари минатата година, исто така во финалето од Купот, против ТФТ. Оттогаш триумфираше два пати во првенството, два пати во Суперкупот и еднаш во Купот. Иако се очекуваше поголема битка, МЗТ Скопје релативно лесно стигна до победата и најави дека подготвен ја очекува новата сезона во домашната кошарка.
Се беше решено во периодот од последните три минути во втората и првите пет минути од третата четвртина во кои МЗТ Скопје направи серија од 25-2. Феникс ги имаше највисоките 29-25 кога тргна низата на аероодромци, прво од 8-0 до крајот на полувреме за 33-29 на голем одмор, а потоа и за 50-31 на средина од третиот квартал. Кога веќе дојде до убедливата предност, МЗТ Скопје не дозволи победата да дојде во прашање и тотално го неутрализира противникот.
Тренерот Васко Атанасов им даде минутажа на сите кошаркари, а 11 од 12 се запишаа во листата на стрелците. Најефикасен беше Војдан Стојановски со 13 поени, а Расел додаде 12, како единствени со двоцифрен ефект. Кај Феникс, Шакур постигна 18 поени, а Џозеф додаде 12.
За МЗТ Скопје ова е шести трофеј во Суперкупот, петти во низа и трет по ред откако ова натпреварување го носи името „Драган Василов Цевка“.