Грег Попович и Сан Антонио Спарс договориле продолжување на соработката на уште пет години со што искусниот стручњак ќе стане најплатен во историјата на кошарката.
Иако се шпекулираше дека претходната сезона ќе биде последна за Попович, тој нема намера да се повлече за што доволно зборува новиот договор. Во моментов тој има 74 години, а ќе остане на клупата на Сан Антонио Спарс до 2028 за вкупно 80 милиони долари. Со тоа го надмина новиот тренер на Детроит, Монти Вилијамс кој неодамна потпиша шестгодишен договор со франшизата од Мичиген за 78,5 милиони.
Попович е на клупата на Сан Антонио од 1996 година и во моментов е убедливо најдолговечен тренер во НБА лигата. Во овој период освои пет шампионски титули и стана најуспешен стручњак со вкупно 1.366 победи. Низ неговите раце поминаа суперѕвезди како Дејвид Робинсон, Тим Данкан, Кавај Ленард, Тони Паркер и Ману Џинобили, а од новата сезона ќе работи со уште една голема ѕвезда во најава – Виктор Венбанјама кој беше избран како прв пик на драфтот.