На нешто повеќе од два месеца пред почетокот на Светското првенство, полека се кристализира составот на американската репрезентација која ќе настапи на Далечниот исток.
Иако тимот е далеку од комплетиран, првиот впечаток за оние кои го потврдија својот настап е многу лош. Без ниедна мега-ѕвезда, се чини дека на Американците ќе им биде проблем и да го одбранат седмото место од претходниот Мундобаскет што е најлош пласман во историјата на оваа селекција.
Досега се знаат деветмина кошаркари кои прифатиле да играат, а последниот од нив е малку познатиот Вокер Кеслер од Јута Џез. Покрај него, ќе настапат уште: Џерен Џексон од Мемфис, Брендон Инграм од Њу Орлеанс, Ентони Едвардс од Минесота, Тајрис Халибуртон од Индијана, Остин Ривс од Лос Анџелес Лејкерс, Микал Бриџис од Бруклин, Боби Портис за Милвоки и Џејлен Брансон од Њујорк.
Американците ќе ги почнат подготовките на 3 август во традиционалната база во Лас Вегас, веќе се познати некои од противниците за време на подготвителниот период, а на Светското првенство се во групата со Грција, Нов Зеланд и Јордан.