На денешен ден: Првата југословенска екипа со титула во Купот на шампионите!

0Shares
0 0

Петтиот ден од април 1979 година е забележан како почеток на доминацијата на југословенските клубови во Европа откако претходно, една деценија, репрезентацијата на поранешната држава беше меѓу најдобрите во Европа и светот.

Од 1970 до 1978 година, Југославија освои две светски и три европски титули, па логично беше и клубовите да почнат да жнеат трофеи на меѓународен план. Прва на која ѝ успеа тоа беше Босна која на денешен пред 42 години триумфираше во тогашниот Куп на европски шампиони (КЕШ), по победата против Емерсон Варезе со 96-93.

Финалето се играше во Гренобл пред повеќе од 10 илјади гледачи (според официјалните бројки на ФИБА иако присутните тврдат дека имало дури и 12 илјади) од кои поголемиот дел навиваа за Босна. Тимот од Сарајево беше предводен од Мирза Делибашиќ, Жарко Варајиќ и Ратко Радовановиќ на теренот и тогаш 33-годишниот Богдан Тањевиќ како тренер.

На тој натпревар е остварен и рекордот на финалните натпревари од КЕШ (сега Евролига) кој и ден-денес важи, а е сопственост на Варајиќ и изнесува 45 поени. Уште 30 реализира Делибашиќ што значи дека само тие двајца постигнаа 75 од вкупно 96 поени на Босна. Во тимот беа уште: Светислав Пешиќ, Предраг Беначек, Боро Вучевиќ, Анте Џогиќ, Бошко Босиочиќ, Сабит Хаџиќ, Сабахудин Билаловиќ и Драган Зрно.

Во следните 13 години, до распадот, југословенските екипи беа најуспешни во Купот на европските шампиони и освоија уште шест трофеи во елитното натпреварување. Цибона триумфираше во 1985 и 1986 година, Југопластика во 1989, 1990 и 1991, а Партизан во 1992 кога се одигра последната сезона од југословенското првенство, а во него учествуваше и Работнички и стигна до полуфиналето од плеј-офот.

0Shares
0 0