Најдоброрангираниот македонски кошаркар во 3х3, Ервин Цого одлучи да стави крај на својата играчка кариера, на само 30-годишна возраст.
Негов последен настап беа квалификациите за Европското првенство чиј турнир се одржа минатиот викенд во Братислава. Македонија за малку не успеа да се пласира на континенталниот шампионат што ќе беше фантастичен успех.
„Мислам дека е доста. Го чекав овој настап со репрезентацијата за да завршам како што е редот. Ми беше желба и со неа да направам успех и жалам што за малку не успеавме бидејќи бевме на чекор до пласман на Европското првенство.

Ако се пласиравме, ќе продолжев да играм, но не можам повеќе. За една година, два пати го повредив менискусот, дури и сега на квалификациите играв со таква повреда“, изјави Цого за КОШ.МК.
Иако има само 30 години, тој може да се пофали со добра кариера и во кошарка и во 3х3. Во кошаркарската кариера играше за МЗТ Скопје, Работнички, Куманово, АВ Охрид, Кастриоти од Косово, Тортоса од Шпанија, Шкупи, ТФТ и Вардар, а остана запаметен како дел од тимот на МЗТ кој во 2012 година ја освои првата шампионска титула во македонското првенство.

Сепак, факт е дека многу поуспешен беше во 3х3 каде освои голем број трофеи и на индивидуален и на тимски план. Кариерата ја завршува како најдоброрангиран македонски играч според ранкингот на ФИБА, четири пати беше избиран од ФИБА за најдобар играч во Македонија, прв Македонец е на World Tour, три пати беше шампион на земјава, два пати на Србија, еднаш на Швајцарија, а настапуваше и во индиската и тајландската лига. За македонската репрезентација играше во три квалификациски циклуси, во 2019, 2022 и 2023 година.