Највозрасниот играч во Првата лига ќе игра и во петтата деценија од животот

0Shares
0 0

Ни по повеќе од две децении во македонска кошарка, ветеранот Едис Нури не планира да ја заврши својата играчка кариера и во новата сезона повторно ќе биде лидер на освојувачот на Купот, ТФТ.

Неодамна, тој го продолжи договорот на уште две сезони, а со оглед на тоа што идната недела полни 40 години, ќе остане на кошаркарските терени и во петтата деценија од животот со што ќе влезе во одбрано друштво на кошаркари кои играле на оваа возраст, како Будимир Јоловиќ, Перо Блажевски, Петар Наумоски итн.

Ако претходната сезона беше за паметење за Нури поради освоениот трофеј во Купот, истото ќе важи и за претстојната затоа што првпат ќе учествува во Лигата на шампионите на ФИБА. Без разлика на возраста, еден од ретките со трипл-дабл во македонското првенство ниту чувствува, ниту планира дека треба да се пензионира.

„Искрено, со оглед на малата минутажа минатата сезона, се чувствувам одморено, како да е почеток на сезоната 2021/22, гладен за успех, докажување и сопствено надградување. Минатата сезона очекував поголема минутажа, која што не ја добив и искрено се надевам дека претстојната ќе биде многу подобра за мене, а со тоа и за мојот тим.

ТФТ е еден необичен клуб, свратилиште за кошаркарски ентузијасти, сонувачи, место каде што ‘децата’ можат да го остварат својот сон. Немаме своја сала, немаме свој дом, немаме спонзори, но имаме виртуелен простор и го имаме Кофеин каде што се одвива главниот ‘брејнсторминг’. Имаме амбиција, имаме визија, имаме желба и мотивација, имаме пријатели. Ја имаме публиката.

Сето ова доведе до освојување на Купот и полуфинале во првенството минатата сезона, но и доверена организација на квалификациски турнир за Лига на Шампиони од страна на ФИБА“, вели Нури.

И претстојната сезона тој ќе биде највозрасен во Првата лига иако сега веќе ќе има уште неколкумина, длабоко навлезени во четвртата деценија од животот. Новите предизвици на клубот ги доживува на свој начин и со нетрпение го очекува стартот на сезоната.

„Возбуден не сум, возбудата доаѓа пред самот натпревар. Дали сум во исчекување? Да. Сакам уште утре да започне првиот натпревар. Што се однесува до напорите кои претстојат, додека сите постираат на Инстаграм инсерти од нивните подготовки, јас во најстрога тајност висински се подготвувам со моите кондициски тренери Раца и Арсо (Радмила Ханџиска и Кристијан Арсовски н.з.), дополнително применувајќи режим на исхрана подготвен од врвниот нутриционист Никола Мартиновски, сопственик на ресторанот Мркеланџелос Кичен. Не само што сум подготвен да одговорам на напорите, спремен сум да го ‘изедам’ противникот!“, додава популарниот Нурминатор.

0Shares
0 0