Натпреварот што мора да се добие…

0Shares
0 0

Ако досега македонската јуниорска репрезентација не чувствуваше голем резултатски притисок на Европското првенство во Измир, од денеска повеќе не е така.

По синоќешниот пораз од Шпанија, Македонија ја почнува борбата за опстанок, односно избегнување на едно од последните три места на конечната табела. Нашата репрезентација ќе игра за пласман од 9. до 16. позиција, но сега нема многу простор за калкулација.

Опстанок во елитната дивизија може да се обезбеди со само една победа, но ако таа биде остварена вечерва (17:15 часот) против Грција. Во таков случај, нашата репрезентација ќе влезе во кругот на селекции од 9. до 12 место и до крајот ќе може да игра без притисок. Евентуален пораз вечерва не става во исклучително тешка позиција бидејќи така, момците на Симиќ ќе мора да победат на двата преостанати натпревари.

И Грција не се прослави во досегашниот дел од првенството иако во своите редови има еден од најталентираните европски кошаркари на оваа возраст Александрос Самодуров, член на Панатинаикос. Тој доживеа повреда на зглобот на дуелот против Словенија и ќе го пропушти остатокот од Европското првенство што е голема шанса за нас.

Во групната фаза Грците ја победија само Чешка која, како и Македонија е без победа досега, а убедливо загубија од Србија и Словенија, селекции кои, според аналитичарите, не се на нивото на Франција и Шпанија со кои играше нашата репрезентација. Вчера загуби и од Италија во осминафиналето, но конечните 55-64 не се реален одраз на она што се случуваше на теренот бидејќи во последната четвртина „аѕурите“ водеа и со 21 поен разлика.

Во текот на подготовките, Македонија играше против Грција на турнирот во Гевгелија и победи со 64-61, благодарение на тројката на Бошалески во последната секунда. Време е денеска да послужи и шутот од дистанца кој требаше да биде најсилно оружје, а изневери, па нашите кошаркари на претходните четири натпревари погодуваа едвај една тројка на четири обиди. Реално, и покрај четирите порази, со исклучок на мечот со Франција, нашите кошаркари не разочараа досега, имајќи предвид дека два од четирите ривала ќе бидат во конкуренција за златото. Со Израел беа долго време рамноправни, а од Велика Британија несреќно. Со оглед на атмосферата во која беа, ни криви, ни должни, испратени и сето она што се случуваше со Рубин Стефанов на три дена пред заминувањето во Измир, јуниорите покажаа дека можат да издржат притисок и покрај тоа што имаат само 18 години.

Во случај на пораз вечерва, Македонија ќе игра со поразениот од дуелот меѓу Црна Гора и Полска, селекции за кои пред почетокот на првенството се прогнозираше дека ќе испаднат од елитата. Очигледно, една од нив ќе остане во оваа конкуренција.

0Shares
0 0