Црвена Звезда намали на 1-2 во финалето од АБА лигата, по вечерашниот триумф против Партизан, како домаќин, со 91-78.
Натпреварот почна со 25 минути задоцнување и траеше повеќе од три часа, а во тензичната атмосфера, подобро се снајдоа „црвено-белите“ кои во второто полувреме го скршија отпорот на својот ривал. Првите 20 минути завршија со предност на Партизан со 41-38, но во вториот дел дојде до целосен пресврт.
Звезда брзо ја достигна негативата, а потоа постепено го зголемуваше водството кое во последната четвртина стана двоцифрено. Во тие 20 минути Партизан едвај успеваше да одбрани некој напад, па домашниот тим постигна дури 53 поени, 15 повеќе отколку во првото полувреме.
Немања Недовиќ беше најефикасен со 19 поени, а Лука Митровиќ и Филип Петрушев додадоа по 16. Исто толку кај Партизан реализира Данте Ексум. Четвртиот натпревар од финалната серија се игра во вторник, а повторно ќе биде домаќин Црвена Звезда.