Факт е дека не ги живееме најдобрите денови во мак-баскетот, на репрезентативно или клупско ниво, но далеку од тоа дека тој е обвиен само во црнила.
Доказ за тоа се извонредните индивидуални резултати на македонските интернационалци оваа сезона, како играчи, така и тренери, нешто што не е видено во трите децении од осамостојувањето на Македонија. Пред сите, тоа се однесува на Емил Рајковиќ, Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс кои освен тоа што остварија големи клупски успеси, добија и лични признанија.

Рајковиќ не успеа да дојде до титулата во ВТБ лигата во својата прва сезона во ЦСКА, но собори пет рекорди: најдобар старт на сезоната (24-0), најдолга низа победи (24), 30 победи во основниот дел од сезоната, 14 натпревари со 100 или повеќе поени и најдобар напад во историјата со просек од 95,6 поени по натпревар. Лоши две недели на екипата, вклучувајќи повреди на дел од клучните играчи, скапо ја чинеа ЦСКА и, практично, ѝ ја уништија сезоната во која клубот ја прослави својата 100-годишнина. Сепак, Рајковиќ, кој несомнено е далеку најдобар и најуспешен македонски тренер во моментов, за своите резултати беше прогласен за тренер на сезоната во ВТБ лигата, вторпат во кариерата.

Ненад Димитријевиќ одамна е проектиран да биде лидер на македонската репрезентација и тој не само што го потврдува тоа во своите настапи, туку почна да бележи успеси и на меѓународна сцена. Во својата дебитантска сезона во дресот на Уникс, стана прв Македонец со трофеј од ВТБ лигата, а врв на се беше признанието за МВП на плејофот во натпреварувањето во кое играат голем број ѕвезди на европската и светската кошарка и кое е едно од најквалитетните на континентот. Просечно, во разигрувањето, постигнуваше по 15,8 поени, 5,3 скока и 3,2 асистенции со индекс 18.

Ти Џеј Шортс не е македонски производ, но не беше ни Лестер Бо Мекејлеб, па го славевме како да е роден и израснал во земјава. Во својот клуб, Телеком Бон, Шортс настапува како македонски кошаркар, од ноември минатата година го носи и дресот на нашиот национален тим и тоа го прави исклучително квалитетно и успешно. Американецот со македонски пасош ја игра сезоната на својата кариера, ја освои титулата во Кошаркарската Лига на Шампиони, беше прогласен за МВП и во основниот дел и на Ф4, најкорисен играч е во Бундеслигата и е на добар пат да се закити и со трофејот од германското првенство. На ниеден македонски репрезентативец досега не му успеало такво нешто.

Вредни за спомнување се уште три члена на нашиот национален тим: Андреј Магдевски, Адем Мекиќ и Теодор Симиќ кои со своите клубови, Донар Гронинген, Задар и Борац (ќе) играат финале во домашните првенства и имаат шанса да се закитат со уште еден трофеј. По два меча од финалната серија, Донар Гронинген има 1-1 со Леиден, Борац губи со 0-2 од апсолутниот фаворит во првенството на БиХ, Игокеа, а Задар идната недела ќе ги почне дуелите со Сплит. Што и да се случи, тие веќе имаат сезона за паметење и заедно со тројцата гореспомнати ја враќаат вербата во македонската кошарка. Мора да се има предвид дека доаѓаат, односно стасуваат уште неколку млади играчи, како на домашна, така и на меѓународна сцена кои во следните сезони треба прво да го потврдат својот квалитет, а потоа да продолжат по патот на своите повозрасни колеги.