Четврт век по крајот на династијата на Чикаго Булс, се поголем е бројот на кошаркари кои тврдат дека Мајкл Џордан бил лош човек и соиграч.
Неодамна такво нешто изјави Скоти Пипен, а на неговите зборови се надоврза Денис Родман кој беше дел од екипата што го направи вториот хет-трик шампионски титули. Во својата кариера, тој освои вкупно пет прстени бидејќи претходно, два пати триумфираше со Детроит Пистонс.
„Го видов Мајкл Џордан како игра во Булс пред да дојдам јас во тимот. Беше грозно да се игра со него, постојано играше ‘еден на еден’ и лошо шутираше. Подоцна станавме екипа, почнавме да победуваме и сите заборавија кој е тој.
Реков и порано, фала богу што Џордан го имаше Пипен бидејќи не можеше сам. Мајкл имаше по 40 поени на секој натпревар, а Скоти ги пополнуваше празнините. Тој е иноватор кога се во прашање крилата, денешните деца го прават истото што и Пипен, неговата игра беше беспрекорна. Да играше сега, ќе постигнуваше трипл-дабл просек“, изјави Родман.
Отровните стрели кон Џордан зачестија по објавувањето на документарниот филм „Последниот танц“ кој требаше да биде омаж за таа генерација на Чикаго Булс, а излезе личен проект на првата ѕвезда во екипата. Џордан имаше можност да ги раскаже од свој аспект сите ситуации од тој период, за разлика од соиграчите кои имаа голем придонес во успесите.