Легендарниот тренер на Партизан, Душко Вујошевиќ на саркастичен начин ја искоментира темата на денот во европската кошарка – одлуката на Никола Миротиќ да не го засили освојувачот на титулата во АБА лигата.
На Вујошевиќ му е најсимптоматично тоа што Миротиќ објави дека му се заканувале од Србија, но дека заканите не дошле од редовите на Црвена Звезда како што се сомневаа навивачите на Партизан.
„Што рече, кој му се заканувал? Не се од Звезда? Тогаш, сигурно се од ОКК Београд“, рече Вујошевиќ во изјава за српски портал.
Тој не го оправдува потегот на искусниот крилен играч, дури и навистина да добивал закани по него и неговото семејство.
„Знам дека Миротиќ е исклучително добар, човек од доверба. Помагал на многу страни. Им дал збор на луѓето од Партизан, веројатно не знаејќи каква е ситуацијата овде. Да сум на негово место, не би го повлекувал зборот бидејќи оваа ситуација не е добра за државата, Србија мора да биде сигурна во се. Повторувам, да сум на негово место, би го одржал зборот. Ако некој сака да ме уценува, сигурно би направи спротивно од она поради што ме уценуваат и ми се закануваат“, изјави Вујошевиќ.
Иако е јасно дека првиот дел од неговата изјава е сарказам, на ова реагираше познатиот спортски менаџер Мишко Ражнатовиќ кој на Твитер напиша дека се јавува на молба на ОКК Београд со цел да ги демантира зборовите на Душко Вујошевиќ, дека некој му се заканувал на Миротиќ.