Актуелниот селектор на американската репрезентација Стив Кер ќе ја напушти оваа позиција по Олимписките игри во Париз идната година.
Тоа го потврди самиот тој во интервју за американски медиум за кого потврди дека неговиот досегашен ангажман е доволен.
„За мене, две години се еден циклус. Грег Попович беше селектор на Светско првенство и Олимписки игри и сега е мој ред да го поминам тоа и да си заминам. Мајк Кшижевски имаше сосема друг начин на работа и нормално беше тој да остане подолго на позиција, но јас сметам дека мојот циклус завршува со Олимписките игри“, изјави Кер.
Под негово водство, американската репрезентација победи на првите девет официјални натпревари, но потоа загуби на три од последните четири меча на Светското првенство и остана без медал.
Како најсериозни кандидати за селекторската позиција по заминувањето на Кер се спомнуваат неговите помошници во американската репрезентација: Ерик Споулстра, Тајрон Лу и Марк Фју.