Ситуацијата во горниот дел од табелата драматично се менува од коло во коло, а срто тоа навестува интересен тек на сезоната во Првата македонска кошаркарска лига.
Откако по првите две кола забележа два пораза, Пелистер го совлада шампионот МЗТ Скопје и вечерва славеше на гостувањето кај Еуро Никел со 66-60. Со тоа, му го нанесе првиот пораз на кавадаречкиот тим кој имаше перфектен старт на сезоната.
Победата на Пелистер е апсолутно заслужена ако се знае дека битолскиот тим го диктираше темпото во најголемиот дел од натпреварот. Отвори со 10-8, убедливата предност ја одржува до завршните минути од полувремето, за Еуро Никел да се доближи и на пауза да се замине со 31-33. Третиот квартал помина во израмнета игра со тоа што кавадарчани тогаш го имаа своето највисоко водство (40-38). Клучниот период беше отворањето на последната четвртина кога Пелистер поведе со 60-49 и тоа се покажа недостижно за домашниот тим.
Малколм Бернарс со 17 поени, 8 скока и 5 асистенции беше најдобар поединец кај Пелистер каде двоцифрени беа уште Лука Стојановски и Маслинко. Смит Меквен со 25 поени беше најдобар кај Еуро Никел, сепак недоволно за победа на неговиот тим.