Кошаркарската федерација на Македонија, Здружението на прволигаши и Здружението на играчи начелно постигнаа договор во врска со бројот на странци кои ќе можат да настапуваат во Првата кошаркарска лига претстојната сезона.
Трите страни дојдоа до компромис да нема зголемување на странските играчи за новата натпреварувачка кампања што значи дека ќе останат максимум четворица во секоја екипа со тоа што овој интерен договор важи до летото 2024 година кога повторно ќе седнат на маса да преговараат на оваа тема. Важната промена во однос на претходните години е тоа што нема да има ограничување на бројот на странски играчи на терен, односно екипите можат во исто време да ги користат сите странци кои им се на располагање.
Покрај сето ова, ограничен е бројот на странски кошаркари кои клубовите можат да ги регистрираат, односно променат во текот на една сезона. Тој број изнесува 10, а таква одлука е донесена со цел да се избегнат ситуации како што имаше во некои клубови оваа сезона кога првенството го почна една, подоцна дојде друга, а завршуваше сосема трета „постава“ странци.