Одличните три сезони на индивидуален и тимски план на Никола Јокиќ можеби се најава за нова династија во НБА лигата.
Претходната деценија ја одбележа Голден Стејт Вориорс кој освои четири титули во период од седум години и пет пати играше во финалето, а со оглед на квалитетот и потенцијалот кои ги поседува Денвер Нагетс, нема да биде изненадување ако тимот од Колорадо доминира претстојната декада. Нова династија најави и тренерот на Денвер, Мајк Мелоун, непосредно по освојувањето на титулата.
Од овој аспект интересна е сличноста меѓу Никола Јокиќ и за многумина, најдобриот кошаркар на сите времиња Мајкл Џордан. Има неколку елементи кои судбински ги поврзуваат двете суперѕвезди, еден кој одбележа една ера во НБА лигата и друг кој планира да го направи истото.

Прв елемент е датумот на раѓањето: Мајкл Џордан е роден на 17 февруари (1963 година), а Никола Јокиќ на 19 февруари (1995 година). Вториот е фактот што двајцата, својата прва шампионска титула ја освоија на 28-годишна возраст, Џордан во 1991, а Јокиќ оваа 2023 година. Третиот, можеби најинтересен, е тоа што својата прва титула, двајцата ја освоија на ист датум – 12 јуни. Во двата случаја, тоа беа први титули во историјата за екипите во кои играа(т) – Чикаго Булс и Денвер Нагетс. До освојувањето на првите трофеи, двајцата по два пати беа МВП на основниот дел од сезоната: Џордан во 1988 и 1991, а Јокиќ во 2021 и 2022 година, а и едниот и другиот беа МВП на финалето во сезоните кога стигнаа до првата титула.
Сето ова носи до заклучок дека ако Јокиќ продолжи по стапките на Џордан, ќе бидеме сведоци на уште еден историски подвиг и години на доминација на Денвер во НБА лигата.