Репрезентацијата на Луксембург е најпријатно изненадување на Европското јуниорско првенство Б-дивизија во женска конкуренција што се одржува во Софија, а на кое учествува и Македонија.
Во конкуренција на Австрија, Грција и Романија, Луксембуржанките го освоија првото место во својата група, без ниеден пораз и со тоа се пласираа во четвртфиналето од шампионатот. Најголема заслуга за вааквиот ефект има „чудото“ од оваа мала држава Фејт Ехи Етуте која бележи бројки какви што не се видени во женската кошарка, не само во јуниорска конкуренција, туку воопшто.
View this post on Instagram
Врв на нејзиниот настап во Софија беше вчерашниот меч против Романија на кој Луксембург славеше со 92-82 по продолжение, а Ехи Етуте буквално експлодира. Одигра безмалку 41 минута и за тоа време постигна 40 поени, 33 скока, 8 украдени топки и 6 асистенции за индекс 63 кој ќе беше и повисок да не беа седумте загубени топки. Дабл-дабл оствари и на другите два натпревара на првенството, како резултат на што е убедлив лидер во речиси сите важни статистички категории.
Нејзиниот ефект во моментов изнесува 28,3 поени и 24,7 скока, а просечниот индекс изнесува 45,7. За споредба, кошаркарката која е на второто место во оваа категорија (Ема Толан од Ирска) има индекс 23.