По само две кола од новата сезона, Работнички се соочи со првите посериозни проблеми во ростерот.
По катастрофалниот настап во квалификациите за ФИБА Европа купот, екипата од Градски парк остана без двајца искусни кошаркари чие отсуство може сериозно да се почувствува во следниот период. Станува збор за македонскиот репрезентативец Кристијан Николов и српскиот интернационалец Ѓорѓе Џелетовиќ на кои тренерот Мираковски не може да смета.
Николов повеќе не е играч на Работнички што не е големо изненадување ако се знае дека тој беше со отворен договор во Градски парк. Наводно, искусниот плејмејкер не бил задоволен од минутажата за време на квалификацискиот турнир во Скопје, а и тоа не е изненадување бидејќи во Работнички има уште тројца кошаркари на неговата позиција: Дмитрик Трајс, Бобан Стајиќ и Андреј Шошкиќ.
Што се однесува до Џелетовиќ, тој доживеа повреда на натпреварот против Пелистер, одигран минатата недела во Битола. Србинот скршил прст на раката и го очекува пауза од околу еден месец што е голем проблем за Работнички имајќи предвид дека идната недела екипата ја очекува големото дерби против МЗТ Скопје.