Четврти пат во последните две години, сметајќи ги и официјалните и пријателските дуели, Италија ја победи Србија и ја оддалечи од пласман во четвртфиналето на Светското првенство.
Серијата почна во 2021, во финалето од олимписките квалификации кога „аѕурите“ славеа во Белград, продолжи лани во осминафиналето од Европското првенство, па минатиот месец на турнир во Атина и кулминира денеска, во првиот меч од втората фаза на Мундијалот. Италија славеше со 78-76 иако во третата четвртина губеше и со 16 поени разлика и се чинеше дека е во мат-позиција.
Италијанците подобро го почнаа натпреварот, на средина од првата четвртина имаа 20-10, за по два резултатски пресврта, Србија да замине на голем одмор со 42-40. Третиот квартал стартуваше одлично за српската репрезентација, со 18-4, вклучувајќи една серија од 10-0 за водство од 60-44 по што изгледаше дека Србите, конечно, се на победничка патека и дека ќе го скршат малерот.

Но, така не мислеше Фонтекио кој со неколку реализации ја запре серијата на противникот, се приклучија и другите играчи и по 30 минути игра беше само +3 за Србија (62-59). „Орлите“ беа во водство и во првите четири минути од последната четвртина, а потоа контролата над резултатот ја презеде италијанската селекција. На две минути пред крајот беше +5 за Италија (71-76), Богдановиќ на 28 секунди ја врати Србија на 76-78, Србите го имаа и последниот напад, но Стефан Јовиќ не успеа да погоди тројка и победата отиде на контото на Италија.
Фонтекио го наполни кошот на Србија, постигна 30 поени со одличен шут од игра (73,3%), а додаде уште 7 скока и 3 асистенции за индекс 31. Богдан Богдановиќ броеше до 18 поени, но имаше 1/13 за тројка, а целата српска репрезентација погоди само 7 од 31 обид. Србија сега е во незавидна ситуација кога се работи за пласман во четвртфиналето. За да влезе во топ-8, мора да ја победи Доминиканска Република, а Италија да загуби од Порторико.