Во групата на малкутемина македонски тренери кои работат во странство, од денеска се приклучува Горан Самарџиев кој својата кариера ќе ја продолжи во словачкото првенство.
Еден од најтрофејните македонски кошаркари во историјата ќе биде шеф на стручниот штаб на тамошниот вицешампион Комарно, а екипата ќе ја преземе на една недела пред почетокот на сезоната. Досегашниот тренер Крунослав Крајиновиќ неочекувано добил отказ, па популарниот Шуш ќе ја пополни празнината на клупата на овој клуб.
Самарџиев беше тренер на Еуро Никел претходните три сезони во кои еднаш успеа да ја однесе екипата и до финалето на плејофот. Претходно беше и асистент во истиот клуб во кој ја почна и играчката кариера и искуството од тој период треба да му помогне во Словачка.