Македонската јуниорска репрезентација ќе се бори за пласман од 13. до 16 позиција на Европското првенство Б-дивизија во Португалија.
Во првиот меч од плејофот, нашите млади кошаркари загубија од Унгарија со 70-86 и јасно е дека ќе биде во втората половина во конечниот пласман имајќи предвид дека на шампионатот учествуваат 22 селекции. Очигледно лошиот настап во групната фаза оставил трага врз кошаркарите кои останаа на само една победа на ова првенство.

Вечерва, македонската селекција беше конкурентна само во првата четвртина, поточно во првите осум минути кога во неколку наврати беше и во водство. По 13-12, Унгарците направија серија од 8-0 за водство од девет разлика за на средина од вториот квартал да дојдат до убедлива предност од 35-21. Во третата четвртина, кошаркарите на Андреј Апостолски Лечиќ се доближија на 39-44, но следуваше нова серија од 8-0 по што противникот повеќе не ни даде ниедна шанса за евентуален пресврт.
Повторно македонската репрезентација беше инфериорна во скок-играта, имаше дури 18 прифатени топки помалку од противникот (29-47). Најефикасен беше Шошкиќ со 14 поени, двоцифрен беше само уште Иванов со 10, но највисок индекс (20) оствари Атанасиј Трајанов кој постигна 8 поени, 7 скока и 4 асистенции.