АБА лигата денеска ги одреди термините за финалните натпревари од АБА лигата, а тие се косат со финалето од првенството на Србија.
На својата интернет страница, АБА објави дека планираните пет меча, ако мора да се играат сите, ќе бидат на програмата во периодот од 12 до 22 јуни (12.06, 14.06, 17.06, 19.06 и 22.06). Во исто време, Кошаркарската лига на Србија одлучи финалето од Суперлигата да се игра на 10/12, 13/15 и 15/18 јуни во зависност од тоа дали полуфиналната серија ќе биде решена во два или три натпревари.
Црвена Звезда пред неколку дена излезе со соопштение дека не планира да го игра финалето од АБА лигата додека не заврши финалето од српското првенство, па затоа сега сите се во очекување на реакцијата од бранителот на титулата во двете натпреварувања. „Црвено-белите“ не сакаат да го почнат финалето од АБА пред 20 јуни.
Интересно е и тоа дали Звезда ќе остане на својата најава и во случај, Олимпија да го победи Партизан во полуфиналето од АБА лигата. Во моментов, таму е 1-1, а „мајсторката“ е закажана за вторник во Белград.