Нова страница во македонската кошарка – формиран првиот тим во кошарка во колички

0Shares
0 0

Во салата „Јане Сандански“ во Скопје, отворена е нова страница во спортот во Македонија – кошарка во колички.

Благодарение на иницијаторите од Сојузот на параплегија на Словенија и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, поддржани од Амбасадста на Словенија во Скопје, како и донаторите кои ги набавија новите колички: НЛБ банка, Триглав осигурување и Амбасадата на Германија во Скопје, а со логистичка поддршка од Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Кошаркарска федерација на Северна Македонија, ЦОП Славеј, донаторите на половни колички од Србија и БиХ, и други поддржувачи и симпатизери, тренерот Саша Димитриевиќ со кошаркарите го одржа првиот тренинг.

„Ова е мошне скап спорт и за комплетирање на количките ни требаа 8 месеци , но сега се тука и почнавме со тренажен процес. Во ‘Јане Сандански’ ги имаме сите услови за непречено тренирање и голема благодарност до претседателот на МОК Даниел Димевски, бидејќи истата е прилагодена за спортисти со инвалидитет што е реткост за салите ширум државата. За сега тренинзите се одвиваат два пати неделно – среда и петок и сум презадоволен од одѕивот на луѓето кои доаѓаат и нивната желба за напредок во ова за нив нова активност.

Ќе направиме се државата да има и репрезенатација во овој спорт, но ќе треба сигурно да помине време во обука на сите играчи. Се надевам дека сите релевантни фактори во државата ќе ја препознаат нашата желба и посветеност за овој проект, а сите кои сакаат да го спортуваат овој спорт ги повикувам да дојдат во салата ‘Јане Сандански’ и ни се приклучат. Наша главна цел е што повеќе луѓе да се вклучат во проектот и тие да останат што подолго во овој убав спорт“, вели Димитријевиќ.

Од сезоната 2024/25, Македонија ќе има место во Јадранската лига во која учествуваат екипи од цела поранешна Југославија. Екипата има една година за подготовка, а со стручна и посветена работа, желбата е да се направи тим кој успешно ќе игра во таа лига. Тоа е голем предизвик бидејќи таа лига постои веќе 16 год и во неа играат големи играчи кои го играат овој спорт веќе 25 год.

0Shares
0 0