Светското јуниорско првенство заврши синоќа во Дебрецен со триумф на шпанската репрезентација која вторпат во историјата го освои златниот медал во оваа конкуренција.
Со тоа продолжи доминацијата на оваа пиринејска држава во кошарката во која машкиот сениорски тим е актуелен европски и светски шампион. Во Унгарија, на површина излегоа некои нови деца кои во следните години треба да се изборат за своето место под кошаркарското небо, но никој не се сомнева дека голем дел од нив ќе направат блескави кариери.

Пред се, тоа се однесува на крилниот играч Исан Алманса кој минатиот месец наполни 18 години, а веќе има три МВП признанија од големите натпреварувања во младинска конкуренција. Играчот роден во Мурсија има кошаркарски корени бидејќи неговиот татко Стив Хортон е поранешен член на шпанскиот прволигаш Мурсија каде настапувал на почетокот од овој век. Младиот Шпанец е висок 208 сантиметри, но се движи фантастично и без проблеми може да покрива позиции од 2 до 4.

На Светското првенство во Дебрецен, Алманса просечно постигнуваше по 16,9 поени, 7,1 скок и 1,6 асистенции со индекс 22,7. Настапот на овој Мундијал беше продолжение на она што се случуваше лани кога освои две МВП признанија: прво на У17 Светското, а потоа на У18 Европското првенство. Имаа можност да го запознаат и македонските јуниорски репрезентативци кои на континенталниот шампионат во Измир се сретнаа со Шпанија во четвртфиналето, а Алманса тогаш постигна 15 поени и 7 скока. Со него во тимот, Шпанците ја освоија титулата, а станаа светски вицешампиони откако во финалето на домашен терен загубија од САД со 67-79.
Во сезоната 2020/21, Алманса беше дел од школата на Реал Мадрид, но потоа замина во САД и во новата натпреварувачка кампања ќе игра во американската Развојна Г Лига.