По девет трофеи во Евролигата и еден куп пехари во националните првенства во кои работеше, најдобриот европски тренер во историјата дојде до титулата која недостасуваше во неговата богата колекција.
Оваа сезона беше само втора за него во АБА лигата, но по ланскиот пораз од Црвена Звезда, сега успеа да го донесе Партизан до триумф во регионалното натпреварување. Кога првпат ги водеше „црно-белите“, од 1991 до 1993 година, АБА лигата не постоеше, потоа Обрадовиќ работеше во странство и најголемите успеси ги оствари со Панатинаикос, Фенербахче, Реал и Хувентут.
Воедно, ова беше прв трофеј за Обрадовиќ по враќањето во Партизан откако во првиот мандат, пред три децении, освои титула во Евролигата (тогаш Куп на европски шампиони), југословенското првенство и Купот на Југославија.