Довчерашниот тренер на Феникс Санс, Монти Вилијамс се согласил во иднина да го води најлошиот тим во лигата Детроит Пистонс што е големо изненадување за љубителите на НБА лигата.
Сепак, ако се земат предвид финансиските услови од договорот, станува јасно зошто тренерот на сезоната во 2022 година прифатил да се пресели во Мичиген. Тој ќе потпише на шест години за 78,5 милиони долари, но со бонусите кои се предвидени во договорот, како и можното продолжување на соработката, сумата може да стигне до 100 милиони долари. Тоа е најскап договор во историјата на НБА лигата кога станува збор за еден тренер, а Вилијамс ќе стане најплатен во својата фела, надминувајќи го Грег Попович кој во Сан Антонио заработува по 13 милиони долари годишно.
Во Детроит се надеваат дека со Вилијамс, франшизата ќе сврти нова страница во својата историја и ќе се врати на славните патеки. Лани, тој беше прогласен за тренер на сезоната, во кариерата има 367 победи во НБА, како тренер на Санс оствари 194 триумфи, а од 2021 година е тренер со најмногу победи во лигата. Меѓу другото, истата таа 2021 година го однесе Феникс во големото финале каде загуби од Милвоки.
Детроит Пистонс, пак, седум сезони по ред има негативен биланс, а победа во плејоф серија нема од 2008 година. Последните три настапи во разигрувањето за титулата (во 2009, 2016 и 2019 година) ги заврши со 0-4. Оваа сезона оствари само 17 победи и беше убедливо најлош тим во лигата, но аналитичарите сметаат дека му претстои блескава иднина затоа што екипата е релативно млада и перспективна, а во неа е првиот пик од драфтот во 2021 година, Кејд Кенингем и ланските петти и 13. пик Џејден Ајви и Џејден Дурен. Оваа сезона, Детроит повторно ќе бира како петти на драфтот.