Македонската М20 репрезентација со убедлив триумф ги стартуваше подготвителните натпревари пред Европското првенство Б-дивизија на кое ќе учествува идниот месец.
На првиот од двата предвидени дуели против Црна Гора, избраниците на Никола Василев славеа со 82-67 и најавија дека се наоѓаат во добра форма на нешто повеќе од две недели пред стартот на шампионатот. Многу важен фактор за победата беше одличната трета четвртина на нашите кошаркари кои тие десет минути ги добија со 24-12 и од -6 дојдоа до +6. Во последната четвртина водството беше дополнително зголемено, до конечните 15 разлика.
Андреј Митревски постигна 16 поени и беше најефикасен во македонската репрезентација, по 14 реализираа Шошкиќ и Мемед, а Петков заврши со 10. Вториот меч во Подгорица се игра утре од 18:30 часот.