Само неколку часа откако каталонските медиуми најавија можна разделба меѓу Барселона и Шарунас Јасикевичиус, клубот преку својата интернет страница ја потврди разделбата со досегашниот тренер.
Во соопштението од Барса не се наведени причините за прекинот на соработката, но е изразена благодарност за работата на Јасикевичиус кој за три сезони во клубот освои четири официјални трофеи: два во АЦБ лигата и два во Копа дел Реј. Литванецот го презеде тимот во 2020 година и имаше договор на три сезони кој истече со завршувањето на сезоната во шпанското првенство.

Неговото место ќе го пополни поранешниот капитен на Барселона, Роџер Гримау кој потпиша договор до 30 јуни 2025 година. Претходните две сезони тој беше тренер на вториот и на јуниорскиот тим, а дресот на каталонскиот гигант го носеше во периодот од 2003 до 2011 година. Тој е последниот капитен на Барса кој го крена трофејот ов Евролигата, освоен во 2010 година.