Кошаркарскиот клуб Задар соопшти дека се продадени сите влезници за денешниот натпревар против Сплит, трет и можеби последен од финалната серија од хрватскиот плејоф.
Огромната еуфорија доаѓа како резултат на водство од 2-0 на задрани по двата брејка во претходните два меча. Околу 8.000 билети се продадени за нешто повеќе од 40 часа со што овој настан ќе се запише во историјата на арената „Крешимир Ќосиќ“, отворено во 2008 година.
Од март, играч на Задар е и македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ кој има можност да му се придружи на Тодор Гечевски како втор Македонец кој освоил титула во хрватското првенство со овој клуб. Од осамостојувањето на Хрватска, Задар има три шампионски титули, освоени во 2005, 2008 и 2021 година.