Бурата во турската кошарка којоа почна со одземањето на државјанствата на Скоти Вилбекин и Шејн Ларкин, продолжува со новиот член на Сан Антонио Спарс, Џеди Осман, роден во Охрид.
Искусниот кошаркар не настапи на претквалификацискиот турнир за Олимписките игри што се одржа во Истанбул, а со оглед на тоа што Турците не успеаја да се пласираат во следната фаза, се најде на тапет од претседателот на Кошаркарската федерација, Хидајет Туркоглу.
„Имавме средба со Џеди Осман во текот на летото. Тој дојде кај нас и ни рече дека не сака да игра за репрезентацијата. Ние никогаш, никого не сме принудувале да игра за националниот тим. Сите дополнителни информации за тоа што не играше и покрај тоа што не е повреден, треба да се бараат од него“, изјави Туркоглу.
Осман веднаш реагираше на овие обвинувања и ја раскажа својата верзија од приказната, тврдејќи дека му било овозможено од репрезентацијата да не игра летово.
„Досега, ја претставував Турција на 178 натпревари во сите категории и во сите услови се трудев да го дадам максимумот. Последните десет години играм на највисоко ниво, а последните шест и во НБА. Летово, почувствува дека менталниот и физичкиот замор влијаат на моето здравје. На 2 јуни, за да избегнам какви било компликации, пред да биде објавен списокот на селекторот, се сретнав со официјални лица од Федерацијата и побарав да бидам изземен од претквалификацискиот олимписки турнир.
Реков дека сакам да ја поминам паузата за одмор и рекуперација. На средбата беше присутен претседателот на Федерацијата, Хидајет Туркоглу и други официјални лица чија реакција беше позитивна и сите рекоа дека сакаат да ме поштедат од каков било здравствен проблем.
Значи, јас не одбив да играм за репрезентацијата. За мене, нема повреден дрес од националниот. НО… Нема да дозволам никој јавно да ме дискредитира. Сакам сите да знаат дека нема да прифатам никакви обвинувања и дека секогаш ќе ја кажувам вистината“, напиша, меѓу другото, Осман.
Оваа сезона, тој почнува нова епизода во својата кариера бидејќи по шест години си замина од Кливленд Кавалирс и се пресели во Сан Антонио Спарс.