Охридската кошаркарска бајка продолжува

0Shares
0 0

Во 2009 година тогашниот охридски прволигаш Амак СП го освои трофејот во Купот на Македонија, а осум години подоцна Охрид го имаше првиот македонски претставник во новоформираната АБА 2 лига.

Кошарката во овој град секогаш има свое место иако во последните две години нема клуб во прволигашка конкуренција. По згаснувањето на АВ Охрид, беше формиран ГКК Охрид кој сега се натпреварува во Втората лига, но кој е вистински градски клуб и со кој продолжува кошаркарската традиција во македонскиот туристички бисер.

Клубот расте од ден во ден, од недела во недела и во моментов брои околу 170 деца во младинските категории во машка и женска конкуренција што заедно со првотимците, тренерите, управата и сите оние во и околу клубот дава бројка од над 200 вклучени лица во неговата работа. Тоа е бројка на која можат да позавидат и пореномирани клубови во земјава, а која во исто време дава надеж дека многу брзо Охрид пак ќе биде во кошаркарската елита во Македонија.

ГКК Охрид нема видни спонзори зад себе, делумно се финансира од општинскиот буџет, а делумно од лица и компании кои сакаат да помогнат, но и покрај тоа, максимално се труди да им го направи забавно времето на сите свои членови. Минатата недела сите кошаркари и кошаркарки, од најмладите категории до првиот тим добија нова опрема, а пред неколку дена, најмалите добија новогодишни пакетчиња, обезбедени од донатори.

Сето ова придонесува кошаркарската бајка во Охрид да продолжи, на задоволство на неколкумина ентузијасти и на сите оние кои го сакаат овој спорт.

0Shares
0 0